Гонзало „Пипита“ Игуаин не „седи мирен“. Аргентинецот сака по само половина сезона да замине од Милан и да направи трансфер во Челси, но ваков договор би требало да им одговара и на Милан, и на Јувентус (чиј фудбалер уште е и игра позајмен во Милано), но и на Алваро Мората и Челси.
Повеќе извори во Италија и Англија тврдат дека Игуаин е „очаен“ да се обедини со стариот тренер од Наполи, Маурицио Сари на „Стемфорд бриџ“, најмногу поради влошните човечки односи во Милан, посебно со директорот Леонардо, кој неодамна го предупреди Аргентинецот да „почне да прави нешто за тимот“.
Според „Спорт Медиасет“, има неколку опции овој трансфер да се исполни, но ќе биде тешко сите елементи да се „сложат“. Милан плати 18 милиони евра да го добие Игуаин на едногодишна позајмица со опција за купување за 36 милиони евра. „Росонерите“, секако, не сакаат да ги загубат 18-те милиони евра за шест месеци, и би биле подготвени да го пуштат за „размена“ за попуст на опцијата да се откупи Тиемуе Бакајоко, сума која сега стои на 35 милиони евра. Милан би го сакале и Мората на 18-месечна позајмица, за која би платиле 5 милиони евра и опција за купување за 40 милиони евра.
Но, Мората, најверојатно сака да замине во Шпанија (Севилја и Атлетико Мадрид како први опции). Друго решение би било Милан да го раскине договорот со Јувентус шест месеци порано и да го донесе тинејџерот Моисе Кин за да ја надополни сумата до 18 милиони евра.
Јувентус, тогаш, би го продале Игуаин на Челси за 55 милиони евра, но тие јасно посочуваат дека не сакаат да го продадат младиот Кин, кој веќе игра во У-21 репрезентацијата на Италија.
Фото: ЕПА