Луис Суарез уште е во тунелот и чека светло на крајот кое не доаѓа. Ова е оценката на шпанскиот весник „АС“ по уште една бледа партија на Уругваецот во вторникот во дуелот од Лигата на шампионите на гости кај Олимпијакос.
Тој го даде максимумот на дуелот со грчкиот тим, меѓутоа додека Лионел Меси имаше пет удари на голот, Суарез не успеа да го натера домашниот голман Прото да направи ниту една одбрана во седум обиди. Еден од нив ја „закачи“ пречката, три беа далеку од целта, а три беа блокирани од дефанзивците на Олимпијакос.
Тренерот на Барса, Ернесто Валверде вели дека му се допаѓа оваа верзија на Луис Суарез, иако тој има постигнато само три гола. Во споредба со лани во 2015/16 (по 10 меча во Ла лига и ЛШ), „Ел пистолеро“ имаше 11 гола. Бројката за 2016/17 е 9.
30-годишниот Суарез последен пат погоди на „Ванда Метрополитано“ при1:1 ремито со Атлетико, и оттогаш нема гол против Малага, Атлетик Билбао и домашниот и гостинскиот дуел со Олимпијакос.
Според „АС“ причината за ова е едноставна – тој не е во најдобра физичка форма. Поранешниот напаѓач на Ливерпул има проблеми со повредата на коленото по мечот од шпанскиот Супер куп против Реал Мадрид во август.
Покрај тоа, неговата позиција во новиот 4-4-2 систем на Валверде би требало да биде совршен за него. Иако стартува полево од вообичаено, тој добива слобода на движење, а во Атина играше како класичен напаѓач.