Легендарниот холандски фудбалер, Кларенс Сидорф смета дека не постојат еднакви можности за сите тренери во европскиот фудбал, посочувајќи го примерот на Тјери Анри и Патрик Виера, кои мораа да заминат во САД за да најдат работа.
Сидорф помина две сезони во Интер и десет во Милан во својата фудбалерска кариера, а беше тренер на „росонерите“ во вториот дел од сезоната 2013/14, пред да работи и во Шенжен и Депортиво Ла Коруња.
„Жалам за тоа што имав договор со Милан да почнам во јуни. Прифатив да почнам порано и не можев да продолжам по крајот на сезоната. Затоа прифатив други понуди за да докажам што умеам. Морав да ризикувам бидејќи немав многу можности и сите знаеме зошто. Играв 12 години во Италија, и иако завршив добра работа со Милан, потоа никој не ми се јавуваше. Холандија е мојата татковина, но и од таму нула повици. Какви се критериумите за избор на тренери? Зошто големите шампиони немаат шанса во Европа кога испишаа страници од фудбалската историја? Зошто Виера мора да оди во Њујорк, а Анри во Канада? Нема црни луѓе во позиција на моќ во фудбалот. Тоа е проблем на целото општество, посебно за тие кои можат да направат промени“, вели Сидорф во интервју за „Ла газета дело спорт“.