Поранешниот фудбалер на Реал Мадрид, Кларенс Сидорф признава дека се сомнева во способноста на Еден Азар да го исполни потенцијалот на еден од најдобрите на светот во Реал Мадрид.
Белгиецот пристигна на „Бернабеу“ по трансферот од 100 милиони евра од Челси во 2019 година, но оттогаш се мачеше со повреди и со слаба форма, откако шпанските медиуми објавија дека тој имал најмалку 10 килограми вишок на стартот на летните подготовки. Сидорф е разочаран од однесувањето на 29-годишниот Азар.
„Секогаш велев дека Азар може да биде на исто ниво со најдобрите на светот. Но, останува прашањето дали е мотивиран да стане најдобар? Постојаноста која Кристијано Роналдо и Лионел Меси ја покажуваат ги направи тоа што се. Кристијано покажа дека се работи за ментална работа, за мотивација и за желба за титули. Кај Азар го нема тоа“, вели Холанѓанецот.
Азар имаше само 22 меча минатата сезона и постигна еден гол, а оваа сезона не е во составот за првите четири меча од сезоната поради мускулна повреда.