Top Sport

Силекс и Македонија ЃП во битка за пехарот од Купот на Македонија

Силекс ќе се обиде да го одбрани пехарот, а Македонија ЃП по повеќе од една деценија да го врати во Ѓорче Петров. Вечерва (18 часот) на Националната арена во Скопје се игра 29. финале на фудбалскиот Куп на Македонија.

Победата е важна од спортски агол, но исто така и пласманот на европска сцена кој ќе обезбеди повеќе од половина буџет за следната сезона, 450.000 евра.

Македонија ЃП можеби ја има фаворитската улога со оглед дека е прволигаш и во последниот период имаше забележителни настапи.

„Подготвени сме за предизвикот и мислам дека сосема заслужено сме во финалето. Претходно ги елиминиравме Академија Пандев, Шкупи, Струга. Максимално го ресепектираме тимот на Силекс, кој е актуелен освојувач на Купот. Ги анализиравме, имаат одличен тим кој е предводен од одличниот Горазд Михајлов на клупата. Пехарот во Купот двапати го освоив како играч, се надевам на прв триумф и во улога на тренер“, вели Муарем Бајрами, тренерот на Македонија ЃП.

Силекс е бранител на трофејот и тим кој експресно се врати во елитата по одличната сезона во Втората лига Запад.

„Ние сме бранители на титулата и единствен второлигаш кој има можност да го брани трофејот. Имаме голем респект за Македонија ЃП, тим кој до последното коло беше во игра преку Првата лига да избори излез во Европа. Ќе дадеме се од себе и нека победи подобриот“, изјави Горазд Михајлов, тренерот на Силекс.

Финалниот натпревар се игра на Националната Арена „Тодор Проески“ вечерва со почеток од 18 часот.

Scroll to Top