Тренерот на Атлетико Мадрид, Диего Симеоне е свесен дека неодамнешните промени во неговиот клуб ја нарушуваат репутацијата на „народен клуб“ која долго ја носеа „јорганџиите“, но вели дека времињата се менуваат.
Откако неодамна го завршија супер-модерниот стадион „Ванда метрополитано“, а ова лето потрошија многу пари на засилувања, вклучувајќи го доаѓањето на Жоао Феликс од Бенфика, Атлетико се целосно трансформиран клуб од времето кога Чоло дојде во Мадрид.
„Не, веќе не сме народен клуб. Сега имаме прекрасен стадион, а следната сезона ќе отвориме тренинг-центар каков што заслужува европски врвен клуб. Со добар менаџмент, стадион и услови за работа, можеме да купуваме фудбалери како Томас Лемар или Жоао Феликс“, вели Симеоне во интервју за весникот „Ла насион“.
Сепак, и покрај ова „кревање“ на нивото, Симеоне е свесен дека патот до успехот е тежок и долг.
„Мораме да бидеме реални. Сега сме во момент на обновување на тимот. Важни лидери на тимот заминаа и мораме да се обновиме и да се држиме до нашата филозофија. Да се каже дека ќе се бориме за титулата следната година е предвремено“, додава Симеоне.