Поранешниот тренер на Интер, Џиџи Симони вели дека бразилскиот Роналдо бил „далеку покомплетен“ фудбалер од сегашниот Кристијано Роналдо, новата ѕвезда на Јувентус.
Роналдо Назарио постигна 34 гола во 47 натпревари за Интер со Симони на клупата, и тој верува дека се работи за еден од најдобрите во историјата.
„Мојот Роналдо беше далеку покомплетен, понепредвидлив фудбалер. Сосема се различни. Кристијано е добар фудбалер, но ’Ил феномено’ беше нешто сосема посебно, нешто што ретко се гледа на фудбалските терени“, вели Симони.
Тој се потсети и на контроверзниот момент во 1998 година, кога Роналдо не доби пенал против Јувентус, и кога тогашниот претседател Масимо Морати беше бесен на одлуката на судијата.
„Никогаш не сум го видел Морати толку бесен. Тоа е тажно сеќавање, бидејќи тогаш ни беше нанесена неправда. За мене тоа ќе остане во сеќавањата и ништо нема да заборавам, исто како сите навивачи на Интер. Во одреден период Јувентус беше воден од такви карактери, што во 2006 година заврши во Серија Б“, „боцна“ Симони.