Top Sport

„Синот не ми веруваше дека му давав бесплатни хамбургери на Роналдо“

Кристијано Роналдо во интервјуто за „ИТВ“ на славниот Пирс Морган се потсетил на моментите од детството, периодот додека бил во школата на Спортинг од Лисабон. Не крие дека тој со останатите деца во „Мекдоналдс“ на задната врата ги добивале хамбургерите што останале од тој ден.

„Кога имав 11, 12 години немав пари. Живеев со останатите деца во клубот, со месеци не го гледав семејството. Тоа беше тежок период. Доцна навечер, околу полноќ, секогаш бевме гладни. Покрај стадионот имаше „Мекдоналдс“. Ќе тропневме на задната врата и ќе прашавме дали останал некој хамбургер. Тука беа Една и уште две девојки. Никогаш не успеав подоцна да ги најдам. Се надевам дека ова интервју ќе ми помогне да ги најдам. Би сакал да ги поканам во Торино или во Лисабон, би сакал да дојдат на вечера во мојот дом. Сакам некако да им се оддолжам, никогаш нема да го заборавам она што во тоа време го направија за мене“, рекол Роналдо.

По интервјуто се јавила Паула Лека, една од жените што ги спомнал славниот фудбалер во своето интервју.

„Ќе се појавеа пред ресторанот и кога ќе останеа неколку хамбургери менаџерот ни дозволуваше да им ги поделиме на децата. Еден од нив беше Кристијано Роналдо. Тој сигурно беше најплашлив од сите. Доаѓаа речиси секоја вечер“.

Периодот за кој зборува Роналдо е 2000 година кога тој е член на младинскиот погон на Спортинг.

„И понатаму се смејам кога ќе се сетам на тоа време. Му кажав на мојот син кој не ми веруваше, тешко му беше да замисли дека неговата мајка му давала хамбургери на Роналдо. Мојот сопруг го знаеше ова бидејќи неколку пати го видел Роналдо кога ќе дојдеше да ме земе од работа“, рекла Паула Лека.

Роналдо изразил желба да ги повика на вечера во својот дом. Паула веќе знае што ќе му каже еден од најдобрите фудбалери на сите времиња.

„Прво ќе му кажам ти благодарам, а потоа ќе разговораме и ќе се присетиме на минатите времиња“.

Scroll to Top