Сите мечеви од Премиер лигата ќе се играат без публика, откако и Ливерпул беше поставен во третата категорија на рестрикции на британската влада.
Ливерпул и Евертон беа последните два клуба во англиската елита на кои им беше дозволено да имаат околу 2.000 гледачи на нивните мечеви, но по зголемувањето на бројот на заразени од КОВИД-19 во целата земја, сега и таму ќе мора да се игра без публика.
Загриженоста за Премиер лигата се зголеми денеска откако беа откажани понеделничкиот меч помеѓу Манчестер сити и Евертон и денешниот меч помеѓу Тотенхем и Фулам. Ова доаѓа откако членовите на Манчестер сити и Фулам имаа повеќе позитивни случаи, а шпекулациите велеа дека се размислува и за двенеделна пауза без фудбал, иако ова беше отфрлено од Премиер лигата.