Top Sport

Сити ќе патува со гол предност во Мадрид, Ливерпул се врати со победа од Португалија

Англиските гиганти Манчестер сити и Ливерпул остварија победи во првите мечеви од четврт-финалето во Лигата на шампионите и ќе бидат фаворити за пласман во полуфиналето на реваншите. Манчестер сити со „судни маки“ го скрши отпорот на Атлетико Мадрид, однесувајќи 1:0 победа на „Етихад“, додека Ливерпул благодарение на „атомското“ прво полувреме победија со 3:1 на гостувањето кај Бенфика.

Во судир на две различни фудбалски филозофии, таа на Пеп Гвардиола и таа на Диего Симеоне, Манчестер сити по доминацијата во текот на 90-те минути успеа да постигне само еден гол, кога во 70. минута генијалната асистенција на Фил Фоден, капитенот Кевин де Брујне во својот 50. меч во ЛШ да ја реализира во убав гол. Секако, сега им следува гостување на „Ванда Метрополитано“, каде што ситуацијата ќе биде сосема поинаква со домашните фанови зад грбот на „рохибланкос“.

Ривалите за премиерлигашката титула на Сити, Ливерпул, пак, исто така стигнаа до победа, позначајна бидејќи се работи за гостување, и сега ќе бидат фаворити за пласман во полуфиналето пред домашната публика на „Енфилд“. Притисокот од стартот на мечот се исплатеше во 17. минута, кога по еден корнер, Ибрахима Конате го постигна својот прв гол во дресот на „црвените“. Во 34. минута, по одличната асистенција на Трент Александер-Арнолд, на Садио Мане не му беше тешко да го удвои водството.

Бенфика покажа дека не е случајно во четврт-финалето со подобра игра во второто полувреме, кое го започна со голот на Дарвин Нуњез во 48. минута од мечот, но „казната“ за домаќините стигна во 87. минута, кога Луис Дијаз (кој во текот на зимскиот преоден рок пристигна од Порто) постигна прекрасен гол.

ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 1/4 ФИНАЛЕ, 1.МЕЧ

Манчестер сити – Атлетико Мадрид 1:0

Бенфика – Ливерпул 1:3

Графика: Sofascore за Топспорт.мк

Scroll to Top