Top Sport

Сити „преживеа“ кај Вест хем за реми кое може да значи титула

Манчестер сити губеа со 2:0 на полувреме на гостувањето кај Вест хем, за на крајот да извлечат 2:2 реми во претпоследното коло од Премиерлигата, резултат кој може да значи титула, бидејќи ги носи на 4 поени пред Ливерпул, кои имаат меч помалку.

Џерод Боуен, фудбалерот кој повеќе пати оваа сезона беше поврзуван токму со трансфер во Ливерпул, во 24. и 45. минута успеа да го совлада Едерсон за фантастична предност од 2:0 на тимот на Дејвид Мојс и уште поголема надеж на Ливерпул дека може да ги достигнат „граѓаните“ во последните два меча од сезоната.

Меѓутоа, тимот на Пеп Гвардиола почна фуриозно во второто полувреме, откако Џек Грилиш со помош на одбраната на Вест хем намали на 1:2 во 49. минута, за 20 минути подоцна, Владимир Цоуфал да си постигне гол за израмнување. Во 85. минута, пак, беше досуден пенал за гостите по фаулот над Габриел Жесус, но обидот на Ријад Марез да ја осигура победата заврши во рацете на голмaнот Лукаш Фабијански.

Во последното коло, Сити го пречекува тимот на Астон вила, додека Ливерпул во вторник гостуваат кај Саутемптон, за во последното коло да ги пречекаат Вулверхемптон.

Од другите мечеви, најинтересно беше на „Еланд роуд“, каде што Лидс во 92. минута извлече 1:1 реми со Брајтон, за да излезе од зоната за испаѓање со еден поен предност пред Барнли пред последното коло.

ПРЕМИЕРЛИГА, 37.КОЛО

Вест хем – Манчестер сити 2:2

Астон вила – Кристал палас 1:1

Лидс – Брајтон 1:1

Вотфорд – Лестер 1:5

Вулверхемптон – Норич 1:1

Standings provided by SofaScore LiveScore

Scroll to Top