Манчестер сити на Пеп Гвардиола се врати на првото место во Премиер лигата (барем до утрешниот меч на Манчестер јунајтед), откако стигна до убедлива 0:5 победа на гостувањето кај Вест Бромвич Албион, додека Арсенал ја забележа третата гостинска победа во низа и четврта победа во пет меча, триумфирајќи со 1:3 кај Саутемптон. За „граѓаните“ ова е 18-ти меч без пораз со гол разлика од шокантни 43:4.
Иако пред мечот со ВБА, Гвардиола изјави дека има огромна почит кон менаџерот на ривалите, Сем Алардајс, во првото полувреме Сити не покажа ниту почит, ниту милост кон противникот кој се бори за опстанок. Илкај Гундоган (6. и 30.), Жоао Кансело (20.) и Ријад Марез (45.) донесоа 0:4 водство на полувреме, кое во второто само се зголеми со голот на Рахим Стерлинг (57.). Со трите поени Сити се на врвот со 41 поен, еден повеќе од Манчестер јунајтед, но со ист број на натпревари (Сити има еден заостанат меч со Фулам).
Арсенал пак, не започна најдобро на „Сент Мерис“, кога Стјуарт Армстронг ги донесе во водство во третата минута. Никола Пепе врати во осмата минута, за Букајо Сака да ја продолжи одличната форма со нов гол во 39. минута. Александер Лаказет во 72. минута ја потврди победата со која Арсенал се искачи на осмото место со 30 поени.