Манчестер сити се обвинети дека креирале „лажна“ улога во клубот за таткото на нивниот поранешен играч од академијата, Габриел Фернандо Алмеида, за да ги избегнат правилата на Премиер лигата и да исплатат илјадници фунти на семејството на Бразилецот.
Алмеида дојде во Сити како 14-годишник во 2011 година, и беше премлад да добие професионален договор, а би бил слободен да преговара со други тимови по својот 16. роденден. Според правилата на Премиер лигата, тие не смееле да му понудат пари за да го осигураат неговиот потпис.
За да го избегнат ова, како повеќе англиски клубови, Сити му понудиле работа на таткото на Алмеида, но тој тврди дека не работел за клубот, иако добивал месечно по 1.000 фунти од септември 2011 до јуни 2012. Алмеида Сениор вели дека иако присуствувал на две скаутинг тренинг-сесии во Сити, таму се предавало на англиски, јазик кој тој не го познава.
„Вистината е дека ми платија, но не работев. Не измамија бидејќи не зборував англиски. Седев двапати на час, за да се појавам“, вели Алмеида за „Атлетик“.
Сега како 24-годишник, Алмеида не направи голема кариера. Во 2013 година се врати во Бразил, каде што играше за Коринтијанс, Атлетико Паранаенсе и Интернасионал, пред во 2019 да заигра за второлигашот Брагантино. Минатиот октомври тој се врати во англискиот фудбал, но во неверојатната 11-та лига за аматерскиот клуб Стретфорд Педок ФЦ, за кои има одиграно три меча.