Аргентинците немаа време ниту да ги избришат солзите од збогувањето на Меси на домашна почва кога станува збор за репрезентацијата, а ги дочека нов шок.
Лионел Меси, најголемиот фудбалски син на нацијата, по натпреварот со Венецуела пред некој ден изјави дека не знае дали ќе игра на Светското првенство и дека целата логика налага дека нема да биде таму.
Аргентинците се обидоа да добијат неколку утешни зборови од селекторот Лионел Скалони, за да им каже дека Меси само се шегувал, но всушност, нивните стравови само се продлабочија, бидејќи дури ни стратегот на Албиселесте не знае што ќе се случи до јуни следната година.
„Кои се шансите Меси да игра на Светското првенство? Мислам дека навистина не би било исправно сега да зборуваме за проценти, бидејќи искрено кажано, ни јас не знам. Многу работи можат да се случат додека не дојде време за одлука. Јас дури и не разговарав со Лео за тоа, само слушнав што изјави. Тој има време да одлучи и што и да е ќе ја почитуваме неговата одлука“, рече Скалони.
Селекторот на Аргентина се чини дека не е загрижен дури и доколку Меси реши да не игра на Светското првенство.
„Веќе го формиравме јадрото на тимот, сите го знаат тоа. Прво, да видиме што ќе ни кажат, колку играчи ќе можат да одат на Светското првенство, а потоа ќе одлучиме за составот.“