Top Sport

Скамака: Татко ми никогаш не бил дел од мојот живот, шокиран сум од она што го направил

Фудбалерот на Сасуоло, кој е позајмен во Џенова, Џанлука Скамака е шокиран од инцидентот што го предивика неговиот татко, Емилијано, во тренинг-центарот на Рома.

Вчера, „Месаџеро“, објави дека Емилијано Скамака, во тренинг центарот на Рома влегол облечен во дрес на Сасуоло и со француски клуч оштетил неколку автомобили, меѓу кои било и возилото на спортскиот директор Тијаго Пинто. Според медиумите, тој им се заканувал на сите кои му се нашле на патот.

Според полицијата, Емилијано Скамака, автомобилите и оштетил со палка за бејзбол, а не со француски клуч.

По повод овој случај се огласи и 22-годишниот Скамака. На медиумите им кажал дека е шокиран од она што се случило и дополнил дека тој нема никаква врска со својот татко.

„Шокиран сум од она што се случило. Немам објаснување зошто го направил тоа. Тешко ми е да зборувам на оваа тема, но изгледа морам. Мојот татко долго не живее со мојата мајка. Не се разведени, бидејќи никогаш не биле венчани. Јас пораснав со мојата мајка и сестра. Тие се моето единствено семејство“, рекол Скамака.

„Со таткото ретко сум се среќавал, речиси и да не го гледав. Би сакал приказната за семејството да ја задржам за себе, би ве замолил да го почитувате тоа. Само ќе кажам дека мојот татко нема никаква врска со мојата кариера. Жалам за она што се случи, шокиран сум, но јас со мојот татко немам никаква врска“, изјавил Скамака.

Џанлука Скамака од 2012 година тренирал во младинската школа на Рома. Потоа се преселил во ПСВ Ајндховен па во Сасуоло. Бил член на сите младински селекции на Италија, се уште чека на деби за сениорскиот тим.

Scroll to Top