Барселона има намера да го тужи Френки де Јонг за договорот кој тој го доби од претходното раководство. Барселона, ова лето, потроши многу пари на нови играчи, но нив не може да ги регистрира се додека не продаде најмалку двајца играчи од актуелниот состав.
Барселона има проблем со финансискиот фер-плеј кој се однесува на платите на фудбалерите. Нивниот најголем проблем е Френки де Јонг од чиј договор сакаат да се ослободат, клубот се договори со Манчестер јунајтед, но Холанѓанецот не сака да замине од клубот. Откако Де Јонг одби да се пресели во Манчестер јунајтед, Барселона започна да го уценува фудбалерот.
Шпанските медиуми пренесуваат дека Барселона побарала од Де Јонг да се согласи со новите услови на договорот, според кои тој ќе добива значително помала плата, а бидејќи тој ја одбил понудата има се повеќе и повеќе гласини дека ќе мора да прифати да се пресели на клупата, под услов да не го напушти „Ноу Камп“.
За да го забрза овој процес, Барселона најави тужба против Френки де Јонг, пренесува добро информираниот „Атлетик“ со речиси неверојатни информации од овој случај.
Наводно, Барселона му се заканува на Де Јонг за потпишување незаконски договор со претходното раководство. Со други зборови, тие веруваат дека се е направено надвор од прописите и дека можат да победат против него на суд и да го раскинат договорот, па го убедуваат да ги прифати новите услови што му ги нудат…
Проблемот во договорот, барем како што гледа Барселона, е што платата на Де Јонг се зголемува од сезона во сезона, а следното лето би достигнала максимум кој сериозно би го загрозил клупскиот бизнис.
Инаку, Барселона има неполни седум дена да ги реши финансиските проблеми за да може да ги регистрира сите засилувања, а доколку Де Јонг и Депај не го напуштат „Ноу Камп“, ниту еден од новите играчи нема да може да биде регистриран.
Претседателот на синдикатот на холандските играчи, Евгени Левченко, акцијата на Барса ја смета за „изнуда“ и најави дека се ќе биде предадено на ФИФА и Светскиот синдикат на играчи.