Поранешниот хрватски фудбалски судија, Бруно Мариќ, кој од неодамна работи како инструктор за судиите во Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС), беше „фатен“ како во добро расположение пее песни на Хајдук.
Ова е сосема зачудувачки, бидејќи токму Мариќ честопати беше „мета“ на лутите навивачи на Хајдук, а во 2016 година беше нападнат со шипки од пет-шест луѓе во Стобреч.
Тој двапати во 2015 и 2016 беше прогласуван за најдобар судија во хрватската лига, но беше обвинуван за блиски врски со поранешниот прв човек на Динамо, Здравко Мамиќ. Во 2015 година по мечот Динамо-Хајдук, тој на прес-конференција ги покажуваше СМС-пораките со кои му се закануваат со смрт.
И покрај тоа, на Мариќ не му пречеше да се качи на сцена и да запее една од химните на Хајдук, „Кога ќе умрам замотан во бело“.