Претседателот на Милан, Паоло Скарони нема да го намали бесот на навивачите по отказот кој го доби спортскиот директор Паоло Малдини, велејќи дека тој не можел да се „пронајде“ во новата структура на клубот и дека едноставно веќе не бил потребен.
Малдини и неговиот близок соработник Рики Масара добија отказ од газдата Џери Кардинале, шокирајќи ги фудбалерите, но и големиот број на навивачите на клубот. Скарони во интервју за „Кориере дела сера“ ја објасни позадината на отказот.
„Имавме одлична соработка со Паоло Малдини, кој е вистински џентлмен, некој со голема врска со Милан. Меѓутоа, сега ние одиме со поиновативен модел во водење на клуб, барем за италијански услови. Тоа придонесе да размислиме за сите активности на клубот, за колегијалноста, за работата како тим. Тоа е организациски модел за кој нашиот главен акционер се залага, бидејќи е специјалист за спорт со голем успех зад него. Имаме чувство дека Паоло не се најде во таа позиција, и тогаш е подобро да си одиме по посебен пат. Вистина е дека Малдини имаше одредено влијание во преговорите со играчите и благодарни сме за тоа, но мора да се каже, без да бидеме неблагодарни, дека веќе не ни беше толку потребен. Тогаш Милан излегуваше од ерата на Јонгхонг Ли и се мачеше да донесе таленти. Денеска, Милан има скудето зад себе и беше во полуфиналето на Лигата на шампионите и сметам дека е поатрактивна локација за фудбалерите“, вели Скарони.