Бразилскиот стратег Луис Фелипе Сколари потврди дека заминува од кинеските шампиони Гуангжу Евергранде, но не ја отфрли можноста да остане во Кина со друг тим.
Сколари, кој ја освои титулата од Светското првенство со Бразил, седна на клупата на местото на Италијанецот Фабио Канаваро во јуни 2015 и оттогаш донесе три титули во лигата за Гуангжу, заедно со титула од Азиската Лига на шампиони.
„Мојата приказна со Евергранде заврши, но приказната со Кина може да продолжи. Ќе размислам внимателно, бидејќи не знаеме што не чека во иднината. Сигурен сум дека Евергранде ќе има блескава иднина“, вели Сколари.
Гуангжу ја освои титулата и покрај тоа што ривалите Шангај СИПГ потрошија над 150 милиони долари на засилувања. Кинеските медиуми тврдат дека италијанските тренери Карло Анчелоти и Канаваро се главни кандидати за местото на Сколари.