Легендата на Манчестер јунајтед, а сега ТВ-коментато, Пол Сколс немаше многу утешни зборови за Мохамед Салах и Лорис Кариус, велејќи дека поразот на Ливерпул во ЛШ не треба да се сфаќа толку сериозно.
Салах, не можеше да ги задржи солзите откако поради повреда на рамото го напушти мечот во првото полувреме, додека голманот Кариус беше емотивен по двете ужасни грешки за два гола на Реал при 3:1 поразот.
Сколс, кој беше дел од супер-успешниот тим на Манчестер јунајтед, но во кариерата двапати загуби во финалињата на Лигата на шампионите (2009 и 2011), вели дека на солзите не им е место на фудбалскиот терен.
„Го сфаќам Кариус, бидејќи е уништен од тоа што се случи, но повредите се дел од фудбалот. Ако ги вратите годините и видите како некој плачел на теренот, ќе добие многу критики за тоа. Сега, фудбалерите станаа премногу чувствителни и лесно се вознемируваат“, вели Сколс за весникот „Манчестер ивнинг њуз“.
Сколс не пролеа солзи кога доби жолт картон во второто полуфинале против Јувентус во 1999 година, и не играше во славното финале против Баерн Минхен кое го добија со 2:1.
„Зошто би плачел? Што ќе се реши со плачењето? Дали бев разочаран? Да, но не блиску до солзи. Не сум плачел на теренот. Можеби кога имав 11 или 12 години и загубивме некој куп“, додава Сколс.