Поранешниот фудбалер од средниот ред на Манчестер јунајтед, Пол Сколс доби казна од 8.000 фунти и предупредување за иднина откако призна дека се обложувал на фудбалски мечеви, објави англиската Фудбалска асоцијација (ФА).
44-годишниот поранешен англиски репрезентативец поставил 140 облози на фудбалски мечеви од август 2015 до јануари 2019, а проблемот е во тоа што тој е делумен сопственик на фудбалскиот клуб Салфорд.
„Ја прифаќам одлуката. Се извинувам и прифаќам дека морам да внимавам во иднина. Се работеше за грешка без задна намера. Немаше никаква врска меѓу мене и другите мечеви и мислев дека нема проблем“, вели Сколс.
Сколс во кариерата освои 11 титули од Премиер лигата, 3 од ФА купот и 2 од Лигата на шампионите пред да се повлече во 2013. Во март, тој накратко беше тренер на третолигашот Олдам атлетик, заминувајќи си по само 31 ден.