Легендата на Манчестер јунајтед, Пол Сколс вели дека на Антони Марсијал му недостасува интелигенција во нападот на „ѓаволите“, бидејќи едноставно не е сигурен која е неговата најдобра позиција.
Французинот имаше фантастичен старт на кариерата на „Олд Трафорд“ откако дојде од Монако во 2015, но оттогаш нема голем прогрес, а многу фанови се сомневаат во неговата посветеност и однесување на теренот. 24-годишниот Марсијал има 9 гола во 20 меча од Премиер лигата оваа сезона иако игра на позицијата на централен напаѓач по заминувањето на Ромелу Лукаку и Сколс не е импресиониран.
„Навистина е интересно со Марсијал, не знам дали тој е крило, дали е централен напаѓач. Оле мисли дека тој е централен напаѓач и го гледаме како му вели постојано да влегува во шестнаесетникот. А, тој не го прави тоа. Не би требало да му кажуваш на напаѓач да го прави тоа, но со Марсијал очигледно не е така. Изгледа не може да процесира многу информации. Некои фудбалери се такви, ќе им кажеш еднаш и тоа е доволно. Нему изгледа треба да му кажуваш секои две минути што да прави“, вели Сколс.