Легендата на Манчестер јунајтед, Пол Сколс не е импресиониран од формата на Пол Погба, откако „Ѓаволите“ дојдоа до трето реми во низа во Премиер лигата по 0:0 со Саутемптон во саботата.
Погба не блесна со својата игра, а според многу фанови на Јунајтед беше виновен за поништениот гол на домашниот тим откако ја „закачи“ топката која директно одеше во голот.
Сколс, како гостин на „БТ спортс“ не штедеше на зборови.
„Каде е Пол Погба кој го гледавме во Јувентус? Таму беше на целиот терен, се бореше за секоја топка, спринтуваше, постигнуваше голови од 25 метри. Тука само се шета низ натпреварите. Мене не ми изгледа доволно фит. Се прашувам дали тренира исправно. Не изгледа како играч кој ќе ви донесе победа и за кој плаќате 90 милиони фунти“, вели Сколс.
Сколс, кој имаше 499 настапи за Јунајтед и освои 11 титули од Премиер лигата и две од Лигата на шампиони, вели дека вината можеби е кај менаџерот Жозе Мурињо.
„Никој во Англија не треба да доаѓа ниту блиску до него, но мислам дека игра на позиција на која не му е удобно. Мора да се каже дека менаџерот е одговорен за тоа. Дали тој ги праќа на позиција која не е нивната? Не знам“, додаде 43-годишниот Англичанец.