Скопје со 1:0 ја совлада Победа во директниот дуел во борбата за опстанок, за да ги помине прилепчани на табелата, шампионот Шкендија продолжи со рутински победи, а Вардар по три натпревари без победа, драматично славеше против Академија Пандев во 35. коло во Првата лига.

Со победата над Победа, Скопје се израмни на 35 поени со нив, но сега се на осмото место на табелата поради подобра гол разлика. Пелистер пропушти шанса да избие пред двете екипи, откако дома загуби со 0:2 од Шкупи.

Вардар одигра интересен натпревар со Академија Пандев, за да победи првпат по пет домашни натпревари на „Филип Втори“, благодарение на голот на Максимов во финишот на натпреварот. Струмичани поведоа со голот на Сашко Пандев на крајот на првото полувреме, пред прво Максимов и Барсегјан да направат пресврт за 15 минути во второто полувреме. „Академците“ израмнија преку Марков во 79. минута, пред Русинот да го постигне победничкиот гол.

Шампионите Шкендија пак, не знаат за пораз, откако со 3:0 ги „растурија“ Ренова во тетовското дерби.

Силекс и Работнички играа директен дуел за излез во Лигата на Европа преку третото место во шампионатот, меѓутоа мечот во Кратово заврши без голови, со што Работнички е трет со 49 поени, еден повеќе од Шкупи и два пред Силекс на едно коло пред крајот на шампионатот.

ПРВА ЛИГА, 35.КОЛО

Скопје – Победа 1:0

Пелистер – Шкупи 0:2

Ренова – Шкендија 0:3

Силекс – Работнички 0:0

Вардар – Академија Пандев 3:2

ТАБЕЛА: 1.Шкендија 88, 2.Вардар 56, 3.Работнички 49, 4.Шкупи 48, 5.Силекс 47, 6.Академија Пандев 42, 7.Ренова 41, 8.Скопје 35, 9.Победа 35, 10.Пелистер 34.

Фото: ФК Вардар