Набилу Фекир, капитенот на Олимпик Лион, ги провоцира навивачите на Сент Етиен, предизвика инцидент од кој успеа да извлече жива глава.
Лион го декласира Сент Етиен, победи со 5:0, а Фекир го постигна петтиот гол во 85. минута. Начинот на кој капитенот на Лион го прослави голот ги разгневи домашните навивачи кои влегоа на теренот.
Кога го постигна голот, Фекир ја тргна капитенската лента од раката, го соблече дресот и во стилот на Лео Меси им го покажа на навивачите на Сент Етиен.
Исфрустрирани од резултатот и провокацијата на Фекир, тие влегоа на теренот, а играчите на Лион избегаа во соблекувалната.
По мечот, Бруно Женесио, тренерот на Лион, за инцидентот го обвини својот капитен.
„Фекир не требаше да го направи тоа. Уништи една прекрасна ноќ. И кога славиш, мора да покажеш скромност“, рекол Женесио.
Од друга страна, Фекир не се согласува со својот тренер.
„Воопшто не жалам за тоа што го направив“, рекол Фекир.
Мечот по пауза од 30 минути продолжи и заврши со победа на Лион 5:0.