Шпанскиот фудбалски репрезентативец Ламин Јамал ја доби наградата за најдобар млад играч на светот, но не сака да застане тука, туку има амбиции многу брзо да ја добие наградата за фудбалер на годината.
Првотимецот на Барселона истакна дека ужива во улогата во која моментално се наоѓа и дека се што се случува околу него секојдневно му помага се повеќе да напредува.
„Да се биде признат како најдобар млад играч во светот е нешто за што сонува секое момче кога ќе започне да игра фудбал. Тоа е почеток кој треба да навести нешто големо во неговата понатамошна кариера, и мислам дека можам да го направам токму тоа. Мојата следна цел е да ја освојам Лигата на шампионите со Барселона и потоа да ја освојам Златната топка за најдобар играч на светот“, изјави седумнаесетгодишниот Јамал и додаде:
„Фудбалот е тимски спорт и не постои индивидуално признание кое може да го добиете без помошта на соиграчите. Затоа велам дека мојата главна цел е да освојувам трофеи, не само со Барселона, туку и со шпанската репрезентација, а кога ќе го постигнам тоа, тогаш ќе дојдат и индивидуалните нагарди“.
За младиот играч на Барселона, натпреварувачката сезона 2024 е завршена откако се повреди во поразот на Каталонците од Леганес и му претстои пауза од три до четири недели.