УЕФА покрена истрага против Барселона за случајот кој веќе е во тек против каталонскиот клуб и е наречен „Случај Негреира“. Раководството на каталонскиот клуб е обвинето дека платило одредени луѓе за да добие подобро судење во првенството.
„Случајот Негреира“ предизвика голем скандал во Шпанија. Наводно Барселона му платила милиони на Хозе Енрикез Негреира, поранешен член на судиската комисија, за да им дели совети за одредени судии, со екипата на теренот би имала поправедни судења.
Барселона негира дека влијаела на судиските одлуки. Тие се заканија со бројни тужби и веќе ги покренаа против пет шпански новинари.
Сепак, приказната за овој случај не завршува тука. По шпанското обвинителство, во него се вклучи и УЕФА, која покрена истрага против каталонскиот гигант.
„УЕФА смета дека има доволно аргументи да се покрене постапка за прекршување на правилата. Тие сметаат дека постои случај и одлучија да отворат истрага за „случајот Негреира“. Инспекторите веќе почнаа со работа“, пишува шпанскиот весник „Марка“.
Шпанските медиуми претходно објавија дека на Барселона поради овој скандал може да и бидат одземени бодови во оваа и следната сезона од Ла Лига. Се споменува одземање на дури 15 поени.
Исто така, се споменува и потенцијална суспензија на каталонскиот клуб од европските натпреварувања на одреден период.
Истрагата на крајот веројатно ќе открие се во овој случај, а ќе видиме каква позиција ќе заземе УЕФА.