Крис Смолинг вели дека ужива во италијанскиот фудбал кој му „одговара на играта“ и вели дека е задоволен што игра за голем клуб како Рома.
Смолинг неочекувано стана еден од милениците на публиката на „Олимпико“ откако пристигна како позајмен фудбалер од Манчестер јунајтед во август и сега вели дека планира целосно да ја искористи шансата.
„Уживам во калчото и навистина одговара на мојата игра. Се надевам дека во мај ќе кажеме дека имаме добра сезона и дека бевме успешни. Нема многу англиски фудбалери кои се решаваат да играат надвор од Англија, но во последно време има некои млади момци, како Џејдон Санчо кои сакаат поинакво искуство. Шансата да се искуси Серија А во голем клуб како Рома беше предобра за да се пропушти“, вели Смолинг во интервју за „Форбс“, додавајќи дека има четири или пет лекции по италијански јазик секоја недела.
Смолинг има 31 настап за англиската репрезентација, но не е повикан повеќе од две години.
„Секогаш постои амбицијата за националниот тим. Нема да одбијам таква шанса“, додава Смолинг.