Фабио Коентрао со екипата на Реал Мадрид двапати стана европски шампион, но сега како 33-годишник се одмора со риболов во татковината.
Коентрао кариерата ја започна во Рио Аве, па во 2007 година прејде во редовите на Бенфика. Со игрите го привлече вниманието на Реал Мадрид, па во 2011 година за 30 милиони евра направи трансфер на „Сантијаго Бернабеу“.
Четири години подоцна беше испратен на позајмица во Монако. Следуваше враќање во татковината, прво во Спортинг, а заврши таму каде што започна.
За „Кралевите“ одигра 106 меча, и освои 9 трофеи, од кои по два во Ла лига и во ЛШ.
Со Бенфика и со Спортинг по еднаш беше шампион на Португалија.
Иако се чини дека се уште можеше да покаже на зелениот терен, тој се одлучи за риболовот.
„Луѓето кои сакаат море и кои сакаат да откриваат нови искуства треба да ја следат својата волја. Ова е работа за новите генерации. Морето е убаво, некои луѓе мора да работат и тука“ вели Коентрао.
Тој е роден во град кој е познат по риболовот, а сега има 45 луѓе кои работат за него.
„Тука доаѓам цел живот. Татко ми имаше брод, се занимаваше со риболов, и сакав да бидам со него. Секогаш кога имав време, доаѓав тука. Мојот живот е морето и риболовот“ вели Португалецот.