Стивен Бергвајн е само уште еден во низата врвни европски фудбалери кои кариерата ја продолжуваат во Саудиска Арабија. Поради одлуката да се пресели на Блискиот Исток ќе мора да се соочи со последиците, а според селекторот на Холандија, Роналд Куман, тоа значи дека нема да игра за репрезентацијата.
Поранешниот играч на Ајакс кариерата ќе ја продолжи во Ал-Итихад. Таа одлука многу го разочара тренерот Куман.
„Стивен Бергвајн замина во Саудиска Арабија на 26 години. Јасно е дека тоа нема никаква врска со спортските амбиции. Неговата книга во холандската репрезентација е затворена. Веројатно знаеше дека ќе го кажам ова“, изјави Куман.
Бергвајн е дел од националниот тим од 2018 година и на 35 натпревари постигна осум гола.