Оле Гунар Солскјер ги предупреди своите играчи да не стануваат премногу самоуверени откако се искачија на првото место во Премиер лигата пред денешното гостување на „Енфилд“ во битка на двата првопласирани тима.
Пред точно една година, Мо Салах и Виргил ван Дајк постигнаа голови за 2:0 победа на Ливерпул над Јунајтед за да се одвојат 16 поени пред лутите ривали, но оваа сезона ситуацијата е поинаква.
„Пресвртот е дел од напорната работа на сите во клубот, играчите, навивачите, придружниот состав. Имаше многу работа за да стигнеме тука, но не треба да бидеме самоуверени. Ако се качиш на Килиманџаро или Монт Еверест и седнеш да се опуштиш горе, што се случува? Ќе замрзнеш и ќе умреш. Затоа сега мораме да туркаме напред и да не застанеме. Има промена на менталитетот на момците, кои веруваат дека можеме да оствариме големи работи“, вели Солскјер.
Во 11-те години како фудбалер на Јунајтед, тој имаше шанса да одигра многу мечеви против Ливерпул и знае што значи тој меч.
„Го обожавав тој меч. Големите мечеви беа најважни, иако во многу од нив не стартував, туку почнував на клупата. Играв кога Диего Форлан постигна два гола на ‘Енфилд’, бев на клупата кога Гери Палистер исто така даде два гола со глава. Кога имаше фанови и кога можеше да ги замолчиш и гостинските навивачи беа погласни, тоа беше одлично чувство. Сега, нема да имаме фанови за да ги замолчиме, така што одиме поинаку“, објаснува Солскјер.