Менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер потврди дека Пол Погба ќе го пропушти пријателскиот меч со Астон вила во сабота, но е сигурен дека тој ќе се врати во првиот меч од Премиер лигата со Кристал палас следната недела.
Погба беше позитивен на КОВИД-19 додека беше со француската репрезентација, но сега ја заврши изолацијата и ќе почне со тренинзите со тимот.
„Пол имаше неколку тренинзи, но пропушти неколку поради корона вирусот. Но, тој бргу се враќа во форма и се надевам дека следниот викенд ќе биде подготвен, иако не сум 100 отсто сигурен“, вели Солскјер.
Французинот имаше фрустрирачка 2019/20, во која имаше само 22 настапи за Јунајтед поради повреди на скочниот зглоб. Во Премиер лигата, тој имаше 16 меча и само еден гол, а две од четирите асистенции имаше во првиот меч од сезоната.