Top Sport

Солскјер: Јас кажувам кој ќе дојде, а кој ќе замине од Манчестер јунајтед

Менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер инсистира дека тој го има последниот збор околу трансферите по шпекулациите за голем „шопинг“ на „ѓаволите“ веќе во јануари, а потоа и во текот на летниот преоден рок.

Јунајтед се поврзувани со повеќе имиња пред стартот на јануари, посебно на позицијата напаѓач, како Ерлинг Браут Халанд и Џејдон Санчо, но Солскјер вели дека тој ќе каже кој ќе пристигне на „Олд Трафорд“ бидејќи клубот е еден од ретките во Премиер лигата кои немаат директор за фудбал.

„Секогаш ќе го имам последниот збор за трансферите. Никој не доаѓа без јас да кажам и подобро е така. Не зборувам со агентите бидејќи не сум одговорен за паричната страна на трансферите, но конечната одлука за тоа кој ќе стане фудбалер на Манчестер јунајтед ќе биде моја“, вели Норвежанецот.

Еден фудбалер на Јунајтед чија иднина во Јунајтед е несигурна е Пол Погба, кој уште е во аут со повреда на скочниот зглоб, и Солскјер е сигурен дека 26-годишниот Французин ќе остане откако камбекот беше одложен поради болест.

„Можам да кажам дека Пол работи напорно за да се врати и ќе го видите со насмевка на теренот. Тој е фудбалер на Манчестер јунајтед и еден од најдобрите на светот, но мора да е подготвен. Сите сме имале повреди. Јас еднаш бев 18 месеци во аут и секако бев на свадби и правев многу работи во тој период, но ми недостасуваше фудбалот. Тој се врати на тренинзи и кога ќе биде доволно силен ќе се врати“, вели Солскјер.

Scroll to Top