Менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер не жали што дозволил Алексис Санчез, Ромелу Лукаку и Ешли Јанг да заминат во Интер и таму да ја освојат италијанската титула, оценувајќи ги како „врвни фудбалери“, но посочувајќи дека тој сакал „поинаков тим“.
Норвежанецот го замени Жозе Мурињо во декември 2018 година и летото 2019 дозволи голем број на фудбалери да заминат од тимот – Санчез, Лукаку и Јанг завршија во Интер, каде што оваа сезона им се приклучи уште еден фудбалер на „ѓаволите“, Матео Дармијан.
„Секој менаџер има сопствен фокус и приоритети. Се работи за врвни фудбалери, врвни професионалци и само можам да им посакам многу среќа. Но, заедно со клубот направивме одлука бидејќи сакав поинаков тим. Не сакам да зборувам за еволуција на играта и да правам споредби, резултатите најдобро го кажуваат тоа. Тоа е единствен начин да ги убедам фановите дека ја правам вистинската работа. Сега, тимот изгледа како тим за кој се чувствувам одговорен“, вели Солскјер.
Уште двајца поранешни фудбалери на Јунајтед се во Италија – Крис Смолинг веќе две сезони е во Рома, додека Диого Далот е позајмен во Милан.