Top Sport

Близнаците Њокас потпишаа за Металург

Браќата близнаци, Кевин и Оливие Њокас од денеска и официјално се дел од Металург. Близнаците со Металург потпишаа двегодишен договор. Кевин и Оливие се први Французи во историјата на клубот од Автокоманда.

Браќата открија дела долго време преговарале со Металург. Оливие, за клубот, слушнал само убави зборови од својот соиграч, Кирил Лазаров.

Кевин Њокас е десен бек, кој професионалната кариера ја почна во Пари Сен Жермен за кој настапувал од 2006 до 2012 години. Потоа по две години играше во Шамбери и во Гепинген, а една сезона го носеше дресот и на Гумерсбах. Од 2018 година е дел од Бенфика од каде и доаѓа во Металург. За репрезентацијата на Франција одигра 41 натпревар и има златни медали од ЕП 2014 во Данска и СП 2015 во Катар.

Оливие Њокас е лев бек, кој исто така првиот професионален договор го потпишал со екипата на Пари Сен Жермен, за која настапувал од 2006 до 2008 години. Оливие по заминувањето од ПСЖ една сезона мина во шпанскиот Алкобендас, а потоа пет сезони беше дел од Кретеј.

Од 2014 до 2016 години го носеше дресот на Балинген, а последните пет сезони ги мина во Нант, каде настапуваше со селекторот и капитен на македонска репрезентација, Кире Лазаров.

За репрезентацијата на Франција одигра 32 натпревари и е носител на сребрен медал од ОИ 2016 во Бразил и на златен медал од СП 2017 во Франција.

Фото/rkmetalurg.mk

Scroll to Top