Оле Гунар Солскјер потврди дека Пол Погба може да стане следен капитен на Манчестер јунајтед и покрај тоа што Французинот јавно изјави дека сака да си замине од „Олд Трафорд“.
„Ѓаволите“ се во потрага по нов капитен откако Антонио Валенсија замина и се врати во својот роден Еквадор. Ешли Јанг и Хуан Мата ја носеа капитенската лента при 2:0 победата над Перт глори во саботата, но Солскјер вели дека одлуката ќе биде донесена пред стартот на сезоната.
„Имам неколку можности, а пред стартот на сезоната ќе објавам кој е следниот капитен. Но, како што видовте, Ешли ќе ја носи додека не се донесе главната одлука. Дали Пол е во игра? Секако“, изјави Солскјер.
Погба по завршувањето на мечот одби да ја разјасни својата ситуација во клубот.
„Кој има потреба да зборува? Јас не“, изјави кратко Погба.