Менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер вели дека дуелот со Милан во осминафиналето на Лига Европа ќе се „чувствува“ како меч од Лигата на шампионите.
Солскјер, на својот 48. роденден ја следеше ждрепката за второто по ранг европско натпреварување, и вели дека одлично што добиле клуб со традиција и историја.
„Убав подарок за роденден, ждрепката нели? Имаме традиција да имаме тешка ждрепка, и ова е како за меч од Лигата на шампионите. Сепак, одлично е да имаме вакви натпревари пред нас. На нашиот тим му се потребни предизвици и ние го посакуваме тоа. Традицијата и историјата на Милан се огромни, и одиме на прекрасен стадион за игра“, вели Солскјер.
Во тимот на Милан има двајца играчи кои беа „ѓаволи“ – ветеранот Златан Ибрахимовиќ, кој помина две сезони во Премиер лигата, но и Диого Далот, кој е на позајмица на „Сан Сиро“.
„Златан, секако, кој не би бил импресиониран од таква кариера. Имаше повреда која можеше да стави крај на кариерата кога беше кај нас, но се врати и ги крена Милан. Диого исто така добро го познаваме, а отиде таму за да добие искуство и повеќе минути. Се надевам дека ќе им направиме проблеми“, додава Норвежанецот.