Оле Гунар Солскјер се плаши за својата работа во Манчестер јунајтед, откако клубот не успеал да му ги обезбеди четирите засилувања кои тој ги сакал во јануарскиот преоден рок, тврди британскиот весник „Дејли мирор“.
„Ѓаволите“ во јануари го купија Бруно Фернандеш за 48 милиони фунти од Спортинг Лисабон и го позајмија нигерискиот напаѓач Одион Игало од Шангај шенхуа, но тоа било многу помалку од тоа што го посакувал Солскјер. Тој наводно му дал список од фудбалери кои ги сака на извршниот потпретседател Ед Вудворд, но на крајот добил само едно постојано засилување во Фернандеш.
Со пропаднатите договори, Солскјер е загрижен дека клубот почнува да губи доверба во него со тоа што не инвестира во фудбалерите кои тој ги посакува, а наводно Вудворд изјавил дека нема да му биде проблем да го отпушти Солскјер доколку дојде шанса да се ангажира Маурисио Почетино или Масимилијано Алегри.