Оле Гунар Солскјер инсистира дека не се плаши дека ќе биде отпуштен од позицијата менаџер на Манчестер јунајтед и покрај новата низа на лоши резултати најмногу бидејќи верува дека клубот е во процес на изградба на нов тим и очекува подобри мечеви многу бргу.
Денеска Јунајтед гостуваат кај Транмир роверс во четвртото коло од ФА купот, опасниот третолигаш, кој го елиминираше Вотфорд, а „ѓаволите“ пристигнуваат во Биркенхед по понижувачкиот домашен 0:2 пораз од Барнли.
„Не видов дека моите фудбалери се кријат или се обидуваат да исчезнат од оваа ситуација. Напротив, гледам многу фудбалери кои сакаат да се успешни. Зборуваме отворено, но не бараме жртви. Кога ќе вперам со прст во некого, тој се враќа кај мене. Мораме да трошиме умно на трансфери откако во последните пет-шест сезони потрошивме многу. Сега, јас и клубот се согласивме, дека таква култура мора да се смени. Не се плашам за мојата позиција, туку само работам. Секако, потребни ни се резултати, но нема да трошиме многу пари ако некој не е вистински човек за нашиот клуб. Верувам во структурата која ја градиме“, вели Солскјер.
„Ѓаволите“ дозволија да си заминат Ромелу Лукаку, Алексис Санчез, Крис Смолинг и Ешли Јанг, и Солскјер вели дека не жали за тоа.
„Не си помислив: ’Ох, би сакал да го заддржам тој фудбалер’. Некои фудбалери кои заминаа не беа вистински за културата која се обидувам да ја воведам во клубот. Ги заддржав тие кои знам дека ќе трчаат во ѕид за клубот“, додава Солскјер.