Менаџерот на Манчестер јунајтед, Оле Гунар Солскјер смета дека коментарите на ривалот од Ливерпул, Јирген Клоп се причина зошто неговиот тим добива помалку пенали оваа сезона.
Клоп минатата сезона тврдеше дека „ѓаволите“ добиваат повеќе пенали во споредба со другите клубови, и сега Солскјер, иако не го именуваше Клоп, јасно беше дека мисли на него при прес-конференцијата пред дуелот со Астон вила. Норвешкиот менаџер смета дека неговиот тим требал да добие два пенали при 2:1 победата над Вест хем во Премиер лигата, и уште еден при поразот во Карабао купот во средата од истиот тим.
„Се надеваме дека ќе го добиеме тоа што го заслужуваме. Требаше да имаме три пенали во последните два меча. Имаше одреден менаџер, кој минатата година беше загрижен за тоа што добиваме пенали и потоа одлуките како да се потешки за давање. Има голема разлика оттогаш. На крајот, ќе го оставиме тоа на судиите и се надевам дека наскоро ќе почнат да ги носат вистинските одлуки“, вели Солскјер.
Ова не е првпат Солскјер да тврди дека Клоп со своите коментари влијае на судиите.
„Слушнав дека сега Манчестер јунајтед имаат повеќе пенали во две години отколку што ние имаме во пет и пол години. Не знам како тоа може да се случи“, изјави во јануари Клоп по поразот од Саутемптон.
Од тој коментар, Јунајтед добиле седум пенали во сите натпреварувања, а Ливерпул три. Оваа сезона, Јунајтед нема добиено пенал, додека Ливерпул имаат два – еден во Премиерлигата и еден во ЛШ. Од преземањето на Солскјер на Јунајтед во декември 2018, „ѓаволите“ имаат 49 добиени пенали, а Ливерпул само 22.