Реал Сосиедад покажа дека е силен тим, како што покажува и нивното седмо место во шпанскиот шампионат, откако по првото полувреме во Скопје имаат убедливи 0:3 и доминација над македонскиот шампион.
Вардарци можат само да му заблагодарат на одличниот Филип Гачевски на голот, кој е најзаслужен што Вардар не губи со повисок резултат.
Микел Ојарзабал уште во 12. минута го постигна првиот гол за баскискиот тим, по што почна „опсадата“ пред голот на Гачевски, со шанси за Серхио Каналес и Вилијан Жозе. Вардар се охрабри по 20-тина минути игра кога во шанса беа Барсегјан и Бобан Николов, но потоа во 34. минута, Бразилецот Вилијан Жозе за 11 минути постигна уште два гола за убедливи 0:3.
Убедливото водство ги расположи гостинските навивачи на „Филип Втори“, иако и навивачите на Вардар се покажаа со одличната кореографија на стартот на мечот.