Top Sport

Сосиедад се задоволи со три гола за Вардар

Македонскиот шампион Вардар го забележа и четвртиот пораз во четвртиот натпревар во Лигата на Европа, откако на гостувањето кај Реал Сосиедад загуби со 3:0.

Овојпат немаше резултатска катастрофа за „црвено-црните“ како на мечот во Скопје од пред две недели, но играчки, шпанскиот прволигаш доминираше во текот на целиот меч и „вардарци“ имаат среќа што си заминуваат од „Аноета“ со само три голови во мрежата.

Во првото полувреме тимот од Баскија имаше целосна доминација и контрола на топката со дури 80-20 однос на посед на топката, а покрај голот на Хуанме во 31. минута, имаа и уште неколку шанси за погодок. Сосиедад го удвои водството во 69. минута, кога Алберто де ла Беља постигна одличен гол со волеј-удар, за во финишот на мечот, замената Баутиста во 81. минута да го постави конечниот резултат.

За Сосиедад победата е уште поважна бидејќи Зенит одигра само 1:1 на гостувањето во Норвешка, кај Розенборг, така што шпанскиот тим се искачи на првото место во групата Л.

За Вардар пак, ова е уште една „евро-лекција“ во првата година натпреварување по групи во Лигата на Европа, и сега покрај четирите порази, Вардар има и катастрофална гол-разлика од 1:17. Математички, Вардар е елиминиран по овој меч и сега го очекуваат уште два меча во ЛЕ, првиот во Санкт Петерсбург како гостин на Зенит на 23 ноември, пред финалето на домашен терен против Розенборг.

Scroll to Top