Top Sport

Специја ја елиминираше Рома во драматичен меч со два црвени картони за 30 секунди

Специја ја елиминираше Рома во осминафиналето од Купот на Италија со 4:2 победа по продолженија, иако „волчицата“ се врати од 0:2 негатива, по што доби два црвени картони во продолжението за 30-тина секунди. Следен за Специја во четврт-финалето е тимот на Наполи.

Специја го шокираше фаворитот на „Олимпико“ со два гола во првите 15 минути. Бугарскиот напаѓач Андреј Галабинов во петтата минута беше прецизен од белата точка, пред Рикардо Сапонара во 15-тата минута да зголеми на 0:2.

Лоренцо Пелегрини во 43. минута, повторно со удар од белата точка, намали на 1:2, пред Хенрик Мхитарјан во 73. минута да израмни на 2:2. Потоа следуваше шокот за Рома во продолжението – Џовани Манчини доби втор жолт картон во 92. минута, а веднаш потоа директен црвен заслужи голманот Пау Лопез. Со 9 играчи, Рома не можеше да се спротистави, и Специја во четврт-финалето ја однесе Даниеле Верде во 107. минута, пред Сапонара во 119. минута да ги „дотепа“ римјаните.

Scroll to Top