Сигурно најинтересен двомеч во 1/16-финалето на Лига Европа ќе биде оној меѓу Барселона и Манчестер јунајтед. Англискиот тим од 18:45 часот ќе гостува на стадионот „Камп Ноу“ во Барселона.
Ова е втора последователна сезона за Барселона да игра во нокаут фазата од Лига Европа, а оваа година заврши во второто по квалитет натпреварување, бидејќи го освои третото место во групата со Баерн Минхен, Интер и Викторија Плзен.
Токму во Лигата на шампионите на крајот на октомври Барселона го доживеа последниот пораз од Баерн и оттогаш избраниците на Чави Ернандез се во серија од 16 натпревари без пораз во сите натпреварувања, односно девет победи во последните десет натпревари во Примера.
Ваквата серија и донесе предност на Барселона пред Реал во шпанскиот шампионат, откако „кралскиот клуб“ имаше неколку киксови, а Каталонците сега имаат плус 11 со еден меч повеќе.
Барселона загуби пет од последните 11 европски натпревари на својот стадион, но победи во последните четири официјални натпревари против Манчестер јунајтед.
„Црвените ѓаволи“ се чини дека полека се навикнуваат на Лига Европа бидејќи во ова натпреварување учествуваат по шести пат во последните 12 сезони. Јунајтед се пласираа во нокаут-фазата откако го освоија второто место зад Реал Сосиедад во групата Е поради полоша гол разлика.
На тимот на Ерик Тен Хаг му оди добро и во Премиер лигата, моментално е на третото место со 46 бодови, пет помалку од Сити и Арсенал кои се на првата и втората позиција,
Јунајтед ќе се обиде да ја победи Барселона на „Ноу Камп“, за прв пат во историјата.
Чави Ернандез ќе направи неколку промени во тимот за овој дуел, пред се поради тоа што вечерашниот меч поради повреди ќе го пропуштат Усман Дембеле и Серхио Бускетс.
На местото на Дембеле на левото крило веројатно ќе игра Гави, алтернативи се Феран Торес и Ансу Фати. Во офанзивната линија ќе бидат Роберт Левандовски и Рафиња. Одбраната не треба да претрпи никакви промени.
Ерик Тен Хаг има поголеми проблеми бидејќи Јунајтед поради повреди ќе биде без Дони ван де Бек, Кристијан Ериксен, Антонио Марсијал, Скот Мектоминај и Антони, додека Лисандро Мартинез и Марсел Сабицер не можат да играат поради акумулираниот број на жолти картони.
Касемиро, кој пропушти два натпревари во Премиер лигата поради суспензија, повторно е на располагање и ќе биде во средниот ред со својот сонародник Фред.
Последен пат овие две екипи играа во четврт-финалето на Лигата на шампионите во 2019 година, кога Барселона ги доби двете средби и се пласираше понатаму со вкупни 4-0. Тоа беа две од вкупно шесте победи на Каталонците против „црвените ѓаволи“ во последните десет натпревари. Манчестер јунајтед победи три пати, а еден натпревар заврши нерешено.