Србија и Албанија заеднички ќе го организираат Европското првенство за фудбалери до 21 година во 2027 година, се чека само УЕФА да ја потврди оваа информација.
Ваквата одлука е сосема извесна откако истече рокот за поднесување на кандидатури, а српско-албанската апликација беше единствена.
Конечната одлука ќе биде донесена на состанокот на Извршниот комитет на УЕФА на 16 декември.
Како што пренесуваат медиумите ширум Европа, проект за заедничка организација на овој натпревар имале и Белгија и Турција, но на крајот се откажале од поднесување на својата кандидатура.
Предлогот на Србија и Албанија, како што е објаснето, има за цел да се надминат политичките тензии меѓу двете земји со идеја за заедничка организација на турнир со 16 селекции.
Покрај сето ова, Србија и Албанија ќе бидат домаќини и на следните два Конгреса на УЕФА.