Top Sport

Среќна „седумка“ за Барди против Леганес (видео)

Енис Барди уште еднаш покажа дека кога ќе добие шанса за настап, несомнено го покажува својот талент, откако постигна уште еден убав гол од слободен удар при 3:0 гостинската победа на Леванте над Леганес, за да ги прескокнат на 16. место на табелата во Ла лига.

Леванте ги „реши“ домаќините во пет минути од второто полувреме, откако прво Хозе Моралес во 55. минута донесе предност за Леванте, две минути подоцна домаќините останаа со играч помалку, а на крајот во 59. минута дојде одличниот удар на Барди.

Македонскиот репрезентативец прекрасно ја процени ситуацијата со живиот ѕид (кој беше поставен преблиску), за да го совлада аргентинскиот голман Нерео Шампањ, кој имаше задоцнета реакција. Во финишот на натпреварот Соке зголеми на 0:3.

Ова е седми гол за Барди во деби сезоната во Ла лига, а можеше да има и повеќе доколку претходниот тренер на Леванте, Хуан Лопез Муњиз му даваше повеќе шанса во средината на сезоната.

Од доаѓањето на неговата замена Пако Лопез, Леванте прво се стабилизираше да ја избегне ситуацијата за испаѓање во Сегунда, а и Барди добива сѐ повеќе шанси да го покаже талентот од прекин.



Scroll to Top