Поранешниот дефанзивец на Манчестер јунајтед, Јап Стам е новиот тренер на МЛС клубот Синсинати, каде што го заменува својот холандски сонародник Рон Јанс, кој си даде оставка во февруари по обвинувањата дека користел расистички термини пред своите фудбалери.
„За мене е огромна шанса да работам во Америка во клуб како Синсинати. Секогаш сум ја сакал САД и менталитетот на луѓето и постојаната желба за успех“, вели Стам.
Стам потпиша договор до крајот на 2021, со опција за 2022 година, и го презема тимот кој имаше најлош скор минатата сезона (6-6-22) и ги загуби првите два меча оваа сезона пред сезоната да биде стопирана поради КОВИД-19.
47-годишниот Стам помина три години во Манчестер јунајтед, пред да игра за Лацио и Милан. Тој пристигнува во Синсинати по краткиот престој во Феенорд, каде што во 11 меча победи само трипати.
Американскиот клуб, пак, го претстави својот нов тренер, иронично, со погрешна фотографија. Наместо со неговиот лик, на Твитер тие објавија фотографија од тренерот на младинскиот тим на Ајакс, Тинус ван Тојненбрек, кој сепак, мораме да признаеме лични многу на Стам.