На сите кои барем малку ги следат натпреварите на македонската репрезентација, не треба да им се објаснува каков фудбалер е 21-годишниот Елиф Елмас, нашиот „дијамант“ кој и покрај годините се презентира како лидер на репрезентацијата.
Меѓутоа, еден човек очигледно не е доволно убеден – Џенаро Гатузо, тренерот на Наполи. Популарниот Рино беше предмет на критики на дел од навивачите по неубедливите игри оваа сезона, а Елмас се обидува да ги искористи своите минути кога ќе ги добие.
Така беше и во саботата, кога на „Диего Армандо Марадона“ пристигна „фенерџијата“ Кротоне. Наполи успеа да пропушти водство од 3:1 и да дозволи гостите да израмнат на 3:3 во 59. минута, кога Елмас, конечно доби шанса влегувајќи во игра во 62. минута.
Тоа што го направи во тие 28 минути, како што покажува статистиката, мора да го убеди Гатузо дека момчето заслужува поголема шанса, посебно бидејќи беше асистент на Џовани Ди Лоренцо за победничкиот гол по само 10 минути игра.