Top Sport

Статуа во чест на Серхио Агуеро

Фудбалскиот клуб Манчестер сити денеска откри статуа пред стадионот во чест на својот поранешен играч Серхио Агуеро. Статуата е откриена на десетгодишнината од освоената шампионска титула со голот на аргентинскиот напаѓач во судиското надополнување на времето.

Пред 10 години, Агуеро постигна гол во 93:20 минута од натпреварот против Квинс Парк Ренџерс во последното коло од Премиер лигата и му ја донесе шампионската титула на Манчестер Сити по 44 години. Така „93:20“ стана историски момент за клубот од Манчестер.

Покрај Агуеро, статуи пред стадионот добија и неговите поранешни соиграчи Давид Силва и Венсан Компани. Статуата е направена од наградуваниот скулптор Енди Скот од илјадници заварени делови од галванизиран челик, се наведува на веб-страницата на клубот. Статуата е поставена пред источната трибина на стадионот „Етихад“, а во текот на ноќта ќе биде осветлена во сино, како и статуите на Силва и Компани.

„Ова е многу убаво и трогателно. Во тие 10 години успеав да освојам многу трофеи и му помогнав на клубот да стане еден од најважните клубови во светот. Благодарен сум на клубот што ја направи статуата како признание“,изјави Агуеро.

Тој го напушти Манчестер Сити на крајот од минатата сезона по 10 години како најдобар стрелец во историјата на клубот. На 384 натпревари, тој постигна 257 гола, освои пет титули во Премиер лигата, ФА Купот и шест трофеи во Лига купот. Аргентинецот е најдобриот странски голгетер во историјата на Премиер лигата.

 

Scroll to Top