Стивен Џерард е на чекор да се врати на чело на Ренџерс веќе оваа недела, откако одржа позитивни разговори со раководството на клубот. Поранешниот капитен на Ливерпул и Англија е во Лондон за преговори околу сензационалното враќање на „Ајброкс“. Под негово водство тимот ја освои титулата во шкотската Премиер лига во 2021 година, која останува последна за клубот до моментот.
Шкотскиот гигант е подготвен да го назначи Џерард по отпуштањето на Расел Мартин во неделата. Причината за разделбата со Мартин беше слабото отворање на сезоната, што го остави тимот на осмото место во табелата. Според новинарот Бен Џејкобс, двете страни се многу блиску до договор, кој може да биде објавен преку викендот.
„Скај Спортс“ исто така потврдува дека вчерашните дискусии меѓу Англичанецот и американските сопственици на клубот биле конструктивни, а преговорите продолжуваат. Се очекува Џерард да биде нов тренер на македонскиот репрезентативец Бојан Миовски.